Познат шеик имал многу ученици кои ги учел на разни мудрости, но во групата имало еден ученик кој шеикот најмногу го сакал и кон кој бил посебно наклонет.
Таа наклонетост на шеикот кон ученикот предизвикувала љубомора кај останатите ученици, а бидејќи тој многу добро ги познавал сите негови ученици и ги знаел нивните срца, веднаш ја сфатил и разбрал нивната љубомора.
Еден ден шеикот ги собрал сите ученици и им рекол:
– Мојот омилен ученик е подобар од вас и во однесувањето и во начинот на кој размислува. Сега на сите ќе ви дадам едно исто задолжение, па од него вие самите ќе можете да видите зошто тој е мојот омилен и посебен ученик. Ќе можете да разберете и да сфатите зошто тој е таков каков што е.
Шеикот им наредил на неговите слуги да му донесат дваесет птици и им рекол на учениците:
– Секој од вас нека земе по една птица, нека ја однесе некаде каде никој нема да ве забележи, нека ја убие и потоа мртва нека ја донесе кај мене.
Сите ученици заминале за да го извршат нивното задолжение, ги убиле птиците и мртви им ги донеле на шеикот, сите до еден освен омилениот ученик на шеикот. Тој не ја убил птицата, туку жива му ја вратил на шеикот.
Кога шеикот видел што направил неговиот омилен ученик го прашал:
– Зошто не ја уби птицата како и сите други ученици?
Ученикот му одговорил:
– Затоа што нашиот учител рече дека тоа треба да го направиме на место каде никој нема да може да не види, но каде и да одиме, каде и да се скриеме, Бог секогаш и сѐ гледа, од него никогаш не можеме ниту во еден момент да се скриеме. Затоа не ја убив птицата и ви ја вратив жива.