Анемијата е многу честа состојба на нашите простори, и не е мал бројот на луѓе кои постојано се борат со неа. Најчесто со овој проблем се соочува женската популација поради константниот месечен губиток на железо. Анемијата е присутна и кај машката популација, но обично причината за анемијата кај нив е различна и се разбира се јавува многу поретко отколку кај жените. Доколку и вие се соочувате со анемија, тогаш прочитајте ги советите кои може да ви помогнат да се справите со неа.
Совети за надминување на анемијата
- Јадете храна богата со железо: црно чоколадо, какао, индиски ореви, бадеми, леќа, грав, грашок, семки од тиква, сончоглед, хељда, суви кајсии, вишни, аронија, спанаќ, марула, цвекло, семе од коприва, жолчка од јајца, риба, пилешко и мисиркино месо.
- Обидете се да ја намалите количината на внесениот глутен, и избегнувајте внес на глутен заедно со оброк богат со железо. Глутенот ја намалува апсорпцијата на сите витамини и минерали, па затоа е добро да се редуцира внесот на: пченица, јачмен и рж.
- Не комбинирајте млечни производи со оброци богати со железо. И млечните производи имаат својство да ја намалуваат апсорпцијата на железото од храната па затоа внимавајте на комбинациите.
- Намалете го и избегнувајте го внесот на кафе, билни чаеви. Тие содржат соединенија кои исто така ја намалуваат апсорпцијата на железо.
- Јатките, семките, житарките и легуминозите киснете ги во вода одвечер и утредента фрлете ја таа вода, ова правете го за да ја редуцирате количината на фитинска киселина во овие продукти. Фитинската киселина ја намалува апсорпцијата на железо.
- Внесувајте витамин Ц заедно со оброците богати со железо. Витаминот Ц ја олеснува апсорпцијата на железото од храната.
- Внесувајте повеќе витамини од Б-комплексот. Можете да јадете никулци од житарки, самите да ’ртите житарки, а јадете исклучиво интегрални житарки кои содржат поголеми количини на витамини од Б-комплексот.
- Во вашата исхрана внесете и алги како што се хлорела и спирулина.
- Наутро консумирајте свеж сок од цвекло, морков, јаболко, лимон и портокал, а исто така и во текот на денот пијте по неколку чаши ваков сок.
- Јадете свежа салата од спанаќ, марула, цвекло, морков, подготвена со сок од лимон, хималајска сол и ладно цедено масло.
- За појадок направете си смуди со вишни или аронија, додадете и друго свежо овошје, спирулина или хлорела, чиа семе, сончоглед и семки од тиква.
Одговара: нутриционист Маја Велковска