Кои навики треба да ги промените за полесно да ја контролирате вашата телесна маса? (1 дел)
Прекумерната телесна маса станува се поголем проблем кај сегашното население во светот, а сепак најмногу е застапена во развиените земји и во земјите во развој. Иако постојат повеќе фактори кои придонесуваат за појава на дебелината, во следните неколку текстови ние ќе ги опфатиме само оние фактори на кои можеме да влијаеме- а тоа секако во најголем дел се начинот на исхрана и физичката активност. Дури и ако постои трета причина за појава на дебелината, со помош на балансирана исхрана и соодветна физичка активност, може во голем дел да се регулира здравствена состојба и да се одржи нормална телесна маса.
- Не појадувате, а за сметка на тоа вечерата за двајца. Најголемата грешка која ја прави скоро секој од нас во борбата со вишокот килограми е прескокнување на појадокот. Всушност најидеално е да се прескокни вечерата, но за жал сите сакаме наутро да останеме уште некоја минута во кревет, за потоа да немаме време за појадок, па јадеме дури кога ќе дојде време за ручек. И мислиме дека тоа е супер бидејќи ќе внесеме помала количина на храна во текот на целиот ден. Но за жал реалноста е сосема поинаква, т.е. многупати се покажало и докажало дека лицата кои не појадуваат се склони кој прејадување во доцните часови, што значи дека појадокот ќе си го надокнадите со вечерата. Ова во никој случај не е добро, бидејќи навечер не ви треба толку многу енергија, и ви треба полесен оброк за да не го оптоварувате дигестивниот систем така што и тој би можел да се „одмори во текот на ноќта“. А ако вечерата е калоричен оброк и тоа доцна навечер, вие го правите токму спротивното, му давате многу енергија на телото тогаш кога нему му треба малку, и го обврзувате дигестивниот систем да работи до доцна во ноќта.
Друго што сакам да кажам во овој дел е што со прескокнување на појадокот правите уште една грешка, т.е. не му давате енергија на телото кога му е најпотребна. Во утринските часови телото се буди и потоа се подготвува за соочување со секојдневните обврски за кои е потребна енергија. Ако не појадувате го оставате телото без храна и енергија тогаш кога треба да биде најактивно и најпродуктивно, и потоа го нарушувате целодневното снабдување со енергија на организмот, т.е. го приморувате организмот да работи во неповолни услови. Затоа најидеално е да се појадува најдоцна во рок од 1-2 часа по станувањето, и се разбира за појадок ви се најмногу потребни сложени јаглехидрати, а потоа и масти и протеини. Можете да појадувате овошје со семки и јатки, или интегрални житарици со овошје, семки и јатки, ако пак не сте љубител на слатките појадоци, тогаш за вас добар избор се интегрални житарици со солена варијанта на некој растителен намаз и маслинки, или интегрално лепче со намаз и зеленчук.