Честопати се прашуваме зошто некои луѓе го добиваат тоа што ние го посакуваме, зошто се фаворити на многу луѓе, зошто го привлекуваат вниманието на луѓето, и зошто успеваат во она што го прават. Ви го претставуваме трикот односно што е она што успешните луѓе ги прави поразлични од другите.
Во последно време тренд е да се покажуваат видеа во кои некоја личност поминува низ многу перипетии пред да успее во животот. Кај сите овие личности кои сега се сметаат за успешни преовладува еден момент а тоа е следново:
Тие прават повеќе од она што се очекува од нив. Тие не сакаат да бидат ставени во калапот на : ќе го направам само тоа што се очекува од мене или само она што морам да го направам и толку. Тие решаваат да одат чекор понатаму, тие почнуваат да даваат од себе повеќе од она што се очекува од нив.
Пример кога ќе се побара од нас да направиме нешто за некого или пак се бара да сработиме работа која се очекува од нас, обично го сработуваме само она што е неопходно при што гледаме да поминеме полесно. Потоа очекуваме да бидеме пофалени или наградени за она што ни е должност да го направиме и притоа се лутиме доколку некој друг биде унапреден или пофален. Многумина се жалат дека не успеваат затоа што немаат врски или не се фаворити или намерно им е направена неправда. Но малкумина се доволно храбри да признаат пред другите и на себе си дека тие не излегле од анонимноста бидејќи не сакале да дадат малку повеќе од она што се очекува од нив.
За да се постигне успех неопходен е напор односно неопходно е да излеземе од шаблонот на„ како сите така и јас“ и да направиме повеќе од она што се очекува од нас. А напорот и излегувањето од комфорт зоната не ни е омилено место на кое би сакале да бидеме, но тоа е еден од посигурните начини на постигнување на успех.
Многу познати успешни луѓе започнале анонимно да прават нешто повеќе од она што се очекува од нив и на секое паѓање станувале се посилни и поупорни во намерата да успеат. Тоа и ги донело до успех и обично тие успеси кои овие луѓе ги постигнуваат се благослов не само за самите нив туку и за останатите.
Библијата во Матеј 5 глава 41 стих зборува за примање на благослови имеѓу другото вели: „ И ако некој те присили да одиш со него една милја ти оди две. “ Со други зборови направи за другите повеќе од она што очекуваат од тебе и така ќе придобиеш напредок во многу полиња меѓу кои и љубовта кон оние кои не опкружуваат а за кои правиме нешто повеќе за нив од тоа што тие очекуваат од нас, постојано ќе расте.
Излезете од анонимност на љубовно, работно, роднинско и пријателско поле и направете за другите повеќе од она што тие го очекуваат од вас и набрзо ќе ги ожнеете плодовите од трудот кој сте го вложиле.