Како лубеницата може да го подобри вашето здравје?
Лубеницата е овошје (иако некако е поврзана и со зеленчуците) кое кај нас е застапено во летниот период, и е првиот избор на многумина кога станаува збор за разладување во текот на топлите летни денови. Но освен што лубеницата ќе ве разлади и освежи таа може да придонесе и за ваше подобро здравје, а на кој начин- прочитајте во продолжение.
Здравствени придобивки од консумирање лубеница
- Ви помага да останете хидрирани. Пиењето вода е многу важно и има за цел да го одржи вашето тело доволно хидрирано, но и консумирање намирници кои содржат многу вода исто така може да ви помогне да се хидрирате, а со оглед на тоа што лубеницата содржи 92% вода тогаш таа е многу добра намирница со која може да внесете дополнителна вода.
- Содржи корисни состојки и фитонутриенти како што се Витамин Ц, Витамин А, Витамин Б1, Б5 и Б6, има и мали количини на магнезиум, а е богата и со каротеноиди и ликопен. Сите овие нутриенти ви помагаат да го одржите и да го подобрите вашето здравје, поради нивните антиоксидантни, антивоспалителни и други корисни својства.
- Исто така лубеницата содржи состојки кои можат да го намалат ризикот од појава на рак. Иако резултатите од студиите се малку измешани сепак за одредени супстанци (како што се ликопенот и кукурбитацин Е) се смета и донекаде е и докажан нивниот инхибиторен ефект врз растот на туморните клетки.
- Кардиоваскуларните болести сеуште се водечка причина за смрт во светот, а во лубеницата се содржат супстанци- компоненти кои се корисни за здравјето на срцето. Одредени студии сугерираат дека ликопенот може да го намали нивото на холестерол во крвта- и воедно да спречи и негово оксидативно оштетување, а исто така може да помогне и во намалување на крвниот притисок. Лубеницата содржи и цитрулин – амино киселина која може да допринесе за вазодилатација на крвните садови и така да го намали високиот крвен притисок.
- Може да го смири воспалението и да го намали/неутрализира оштетувањето од оксидативниот стрес. Ова се должи на високата концентрација на антиинфламаторни антиоксиданти во лубеницата.
- Може да помогне во превенција на макуларна дегенерација. Ова се должи воглавно на високата содржина на ликопен во лубеницата. Оваа состојка е добро позната по нејзиниот заштитен ефект за очите.
- Поради тоа што содржи одредени витамини и минерали, лубеницата е корисна и за вашата кожа и коса, а исто така содржи и растителни влакна кои се важни за добра дигестија.