Петар за Божик доби автомобил од својот брат. Кога на Бадник излезе од својата канцеларија на улица, до неговата сјајна, нова кола стоеше едно малечко момче и се восхитуваше на возилото.
„Ваша ли е оваа кола, господине?“, праша тоа.
Петар потврдно кимна со главата. „Ја добив на подарок од брат ми за Божик“. Детето се запрепасти: „Сакате да кажете дека брат ви Ви ја подари и дека за неа не дадовте ни паричка?“ „Знаете“, рече момчето, „Би сакал…“ и тука застана.
Петар беше повеќе од сигурен што сакаше момчето да каже. Дека би сакал да има таков брат. Но она што момчето го кажа, го потресе до дното на душата.
„Би сакал“, продолжи момчето, „да можам да бидам таков брат“.
Петар, зачудено го погледна детето, а потоа некако спонтано го праша: „Би сакал, ли, да се повозиш со мене во автомобилот?“
„Ех, кој не би сакал!“
По краткото возење, детето се сврте кон него и со молба во очите го праша: „Господине, ќе бидете, ли, добар да ме однесете до дома?“
Петар се насмевна. Знаеше што сака детето. Би сакал да им покаже на соседите дека може дома да се довезе во такво скапо возило. Но тој повоторно не беше во право.
„Ве молам, запрете пред оние две скали“, рече момчето. Потоа, како стрела влета внатре и за кратко време Петар го слушна како полека се враќа надолу. Но овој пат не одеше брзо. Го носеше на раце своето мало братче, кое беше инвалид.
Внимателно го стави на долната скала и му го покажа возилото.
„Гледаш, Андрејче, баш како што ти кажав. Брат му му го подарил возилото за Божик и тој не дал за него ни паричка. Еден ден и јас ќе ти подарам едно такво возило… И тогаш ќе можеш сам да појдеш и да ги видиш сите оние убави работи што ги ставаат во излозите за Божик, а кои до сега се обидував да ти ги опишам. Петар го зеде малото детенце и го стави до себе на предното седиште. Постарото братче, со блескави очиња, седна до него и сите тројца тргнаа во една незаборавна празнична прошетка!
Таа вечер Петар сфати на што мислеше Христос кога рече: „Посреќен е оној што дава…“
bigorski.org.mk