Зошто е опасен високиот крвен притисок, и на кои начини можете да го вратите во нормални вредности?
Високиот крвен притисок уште се нарекува и хипертензија и всушност означува дека силата со која крвта притиска на ѕидовите на крвните садови додека циркулира низ нив, е поголема од нормалната.
Се проценува дека во САД околу едно лице од тројца возрасни (над 20години) има висок крвен притисок, а дури 2/3 од лицата над 65 години исто така се соочуваат со висок крвен притисок.
Зошто е опасен високиот крвен притисок?
Причината поради која толку многу внимание обрнуваме на крвниот притисок е таа дека доколку тој не се контролира и често пати е покачен тогаш може да предизвика многу здравствени проблеми кои можат да имаат сериозни последици. Така високиот крвен притисок е ризик фактор за појава на: срцев застој, губење на видот, срцев удар и мозочен удар, а исто придонесува и за развој на бубрежни заболувања.
Причините за високиот крвен притисок често пати не се сосема познати, и затоа постои следната поделба на хипертензијата на: есенцијален крвен притисок- каде вистинската причина за оваа состојба не е позната, и секундарна хипертензија- каде причината за високиот крвен притисок е позната и за да се нормализира крвниот притисок треба да се третира примарниот проблем. Која и да е причината за високиот крвен притисок во најголем дел од ситуациите постојат одредени природни начини на кои можете да го нормализирате вашиот крвен притисок кои ќе ви ги наведиме во продолжение.
На кои начини можете да го вратите високиот крвен притисок во нормални вредности?
- Доколку имате прекумерна телесна маса- ослабете и доведете ја вашата телесна маса во нормални граници.
- Редовно вежбајте. Докажано е дека редовната физичка активност може да го намали вашиот крвен притисок дури и до 10милиметри живин столб. Минималното време кое треба да го поминете во континуирана физичка активност е 30минути на ден, барем 5-6 дена во неделата.
- Внимавајте на исхраната. Ако консумирате голема количина на сол- тогаш редуцирајте го внесот на натриум/сол и доведете го во нормални граници. Исто така внимавајте и на тоа да внесувате доволно калиум. Избегнувајте масна храна, и основна храна нека ви биде храната од растително потекло- во најголем дел во свежа форма, а храната од животинско потекло треба да биде во мали количини и подготвена на соодветен начин.
- Редуцирајте го внесот на алкохол или комплетно исклучете го од вашата исхрана. Кога алкохолот се внесува во количини над дозволените тогаш тој го покачува вашиот крвен притисок.
- Доколку пушите- откажете се од употребата на цигари бидејќи секоја цигара го зголемува вашиот крвен притисок. Лицата кои престанале со пушење, се очекува да живеат подолго одколку пушачите.
- Редуцирајте го или сосема исклучете го внесот на кофеин. Ефектите од хронична употреба на кофеин врз крвниот притисок сеуште се дебатираат, но се знае дека кај лица кои поретко консумираат кофеин- тој има ефект на зголемување на крвниот притиок и до 10милиметри живин столб.
- Најдете начин на кој најуспешно ќе го редуцирате нивото на стрес. Секој еден од нас е изложен на стрес и тоа е нешто што не можеме така лесно да го одбегнеме- но сепак обидете се да најдете начин на кој полесно ќе се соочувате со секојдневните предизвици- бидејќи така ќе се заштитите од многу болести а не само од висок крвен притисок. Некои начини се: одвојте време за да се опуштите, бидете благодарни, мислете на позитивните работи, мислете на тоа како може да ги ставите проблемите под ваша контрола, променете ги вашите очекувања од животот и од одредени настани.
- Консумирајте некои од следниве растенија за кои се смета дека може да го намалат вашиот крвен притисок: босилок, цимет, ленено семе, лук, ѓумбир, целер, моринга, камилица, бобичасто овошје (боровинки, аронија, малини, капини…), брокула, банани, семки од тиква, индиски ореви.
Автор: Нутриционист Маја Велковска