Кога ја запознав пред 33 години, беше убава госпоѓа во раните педесети години: висока, елегантна и секогаш насмеана. Беше храбра жена, одлучна и верна, успешна како мајка и како домаќинка. Јас имав околу 20 години и многу се разликував од неа. Припаѓав на друга генерација, од друга етничка припадност, со поинакви традиции и обичаи. Меѓутоа две работи ни беа заеднички. Го сакавме истиот Бог и го сакавме истиот човек-Едмунд, нејзиниот син и мојот иден сопруг. За помалку од 11 месеци од нашата прва средба, станав нејзина снаа.
Кога денес размислувам за тоа, најнапред сакам да ви го раскажам искуството кое го стекнав како снаа. Потоа сакам да ви зборувам за сегашните искуства кои ги стекнав како свекрва.
Најнапред ќе зборуваме за одноsот меѓу снаата и свекрвата. Во Библијата наоѓаме прекрасна приказна за свекрвата и снаата. Тоа е приказната за Ноемина и Рута. Во неа читаме како Ноемина го држела Рутиното бебе во раце, и како Ноемините пријатели дошле да го прослават Бога и да го благословат нејзиниoт внук. Потоа рекле дека и го родила Рута велејќи: ,,…снаата твоја која те сака и која вреди многу повеќе дури и од седум синови.” Какво убаво сведоштво за љубовта помеѓу свекрвата и снаата! Вреди повеќе од седум синови!
Се сеќавам дека после читањето на оваа случка за Ноемина и Рута донесов одлука дека и јас сакам да бидам подобра и од седум синови на својата свекрва. На крајот на краиштата, таа го израснала синот, кој мене ми стана прекрасен сопруг. Тоа го заслужила.
Когa ќе погледнам околу себе, гледам дека односите помеѓу свекрвата и снаата се многу поинакви од она што би требало да бидат. За затегнатите односи, за зависта, за непочитувањето па дури и за омразата се напишани непријатни приказни. Во многу семејства се води суптилна војна.
Од една страна, свекрвата не го прифаќа начинот на кој готви, како ги чува децата или како ги облекува. Од друга страна снаата се исмејува, не ја почитува и ја игнорира свекрвата. Измеѓу снаата и свекрвата постојано владее натпревар. Мајката не може да го пушти својот син а снаата смета дека сопругот не и е доволно верен. Дали тоа е потребно?
Се сеќавам како во првите години од бракот зборував за можните тензии помеѓу свекрва ми и мене. Тогаш и велев дека нејзиниот син секогаш ќе ја сака. Љубовта на Едмунд кон неа и кон мене се разликуваше. Тогаш тоа ни помогна. Мојот сопруг и денес многу ја сака мајка си. Истотака љубовта помеѓу мојот сопруг и мене не се намали поради тоа. Така и денес, после 33 години брак, и понатаму најмногу од сè сакаме да бидеме заедно и да си бидеме еден на друг на располагање. Знаете љубовта помеѓу мајката и синот и љубовта помеѓу мажот и жената се разликуваат, но исто така и убаво се надополнуваат.
Сега кога и самата станав свекрва, го доживувам истото што го доживуваше мојата свекрва. Моите деца и понатаму ме сакаат како мајка, но јас сум најсреќна кога ги сакаат своите брачни партнери и семејството. Тоа значи дека ќе се воздржувам од мешање во нивните семејни работи, но дека ќе им бидам на располагање и ќе им помагам колку можам, кога од мене ќе се побара. Некој убаво рекол: ,,Во мајчиното срце секогаш има место за уште еден.”Јас верно ги сакам сите мои деца. Како ќе им ја покажеме и искажеме својата љубов, било како снаа или како свекрва? Сакаме ли да разговараме за тоа?
Увидов дека Библијата, Божјата реч е извор на мудрост. Во неа ќе најдеме одговор на сите наши животни неволји. Да чуеме што пророкот Исаија напишал во 7 стих од 52 глава:,,Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста, кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение, говорејќи му на Сион:,,Твојот Бог царува.”
Можеби ќе се прашате каква врска има ова со вашиот однос со свекрвата, односно снаата? Да погледнеме одблизу за што се работи. Да послушнеме уште еднаш што пишува во Библијата: ,,Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста, кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение, говорејќи му на Сион:,, Твојот Бог царува.”
Кога сте во друштво со свекрвата односно снаата, дали вашите разговори се квалитетни? Дали говорите за Радосната вест за мир и за другите добри работи? Говорите ли за Бога и за Неговото владеење во вашиот живот? Или можеби се бавите со сè она што ви се чини лошо? Многу е полесно да се премине во дефанзива велејќи: ,,Јас сум таква и не сакам да се менувам. Всушност што ти е гајле тебе за тоа! Или ,, Ќе правиш како што ти велам или нема да биде добро!”
Меѓусебното прифаќање може многу тешко да ни падне. Мораме да сфатиме дека воспитувањето, растењето на децата и кулинарските техники се многу помалку важни од меѓусебниот начин на покажување на љубов. Меѓутоа ако немаме љубов, не можеме ниту да ја дадеме. Вистинската љубов е Божји дар. Кога понизно ја признаваме својата грешка и го замолиме Бога да ни прости и да нè промени, Тој почнува да ни ја покажува својата љубов преку нас. Дали сте спремни? Ќе го повторам сево ова преку 4 начела.
ПРВО: Не прифаќајте во вашето срце љубомора, завист ниту натпревар за љубовта на синот (ако сте свекрва) односно за сопруговата љубов (ако сте снаа). Сфатете и правете разлика помеѓу љубовта на синот кон мајката и љубовта на сопругот кон својата жена.
ВТОРО: Ние мајките треба да им овозможиме повеќе слобода на своите деца. Сме ги примиле децата на краткотраен заем. Кога синот ќе се ожени, мораме да се повлечеме и да му дозволиме нему и на неговата сопруга заедно да созреваат во љубовта и да изградуваат своја сопствена фамилија.
ТРЕТО: Мораме да ги прифатиме меѓусебните разлики. Тоа што нешто е поразлично не значи дека е погрешно. Не е важно само она што јас го мислам. Можеме меѓусебно да се почитуваме и покрај различностите.
ЧЕТВРТО: Замолете го Господа да ви ја прости себичноста и недостатокот на љубов. Кога Тој ќе завладее во вашето срце, ќе можете со своите зборови да донесувате мир, радост и љубов во меѓусебните односи. Од сопствено искуство можам да ви кажам дека е прекрасно кога свекрвата и снаата ќе станат пријателки!
Превод од хрватски : Б.А.Х. (Извор: twr-hrvatska.com)