„Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нè повика преку Својата сопствена слава и добродетел… заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење.“ (2 Петрово 1:3.5; Библија)
Откако ја прифативме верата на Евангелието, наша прва задача е на верата да ѝ додадеме добродетел и начело на чистотата, и на тој начин да ги очистиме своите мисли и срце за примање на вистинското знаење. Овде апостолот Павле ни ја нагласува важноста на постојаното напредување во христијанскиот живот. Затоа немаме никаков изговор за недостаток на духовна посветеност.
Верата е првото скалило на скалата на христијанското напредување. Без вера не е можно да Му се угоди на Бога. Меѓутоа, мнозина запираат уште на тој прв чекор и никогаш не се воздигнуваат на повисоко духовно ниво. Тие изгледа мислат дека со самото тоа што исповедаат Христова вера, и што дозволиле името да им биде запишано во книгите на црквата, направиле сѐ. Верата е несомнено битен фактор, но словото на Вдахновението вели: „Исполнете ја својата вера со добродетел…“ Оние коишто сакаат да наследат вечен живот и дом во царството на славата мораат зградата на својот карактер да ја втемелат на добродетите, а аголниот темелен камен мора да биде Самиот Исус Христос. Сѐ што може да ја извалка душата мора да биде истерано од умот и животот. На искушенијата мора да ѝ се спротивставуваме во силата примена од Христа. Добродетите на беспрекорното Божјо Јагне мораат да се вградуваат во карактерот сѐ додека душата не се воздигне до потполна чистота и честитост. Јосиф е навистина вистински пример за младите за тоа како можат да останат неизвалкани во овој зол и порочен свет, додавајќи ѝ ги на својата вера и сите останати добродети.
Секој момент од животот е полн со сериозни одговорности. Незнаењето нема да претставува никаков изговор за духовната непосветеност, бидејќи сме предупредени својата вера да ја исполнуваме со добродетел, а добродетелта со знаење. Непосветените рибари во Христовото училиште станале културни и благородни, а тоа е запишано за поука и пример за нас. И ние сме повикани во Христовото училиште да ги стекнеме сите можни знаења.