Летните горештини веќе се во полн ек, па сите бараме начин да се освежиме. Покрај ладната вода, лубеницата и дињата, освежувањето е загарантирано и со можеби најтипичната летна овошка на нашите простори – праската. Оваа овошка спаѓа во истото семејство со сливата, кајсијата, црешата, но и бадемот.
Човекот ја одгледува праската веќе со векови. Таа потекнува од Кина, а денес се култивира ширум светот, па и кај нас во Македонија. Сите сме слушнале за сочните и квалитетни росомански праски, типични за овој период од годината. Моментално пазарите се преполни со овие праски и тоа по достапни цени.
Но дали сте знаеле дека оваа овошка има состав според кој може да ни понуди низа на корисни дејства за различни аспекти од здравјето?
Во продолжение, 6 причини плус зошто треба да го искористите овој период и повеќе да уживате во сочните македонски праски.
1) Богат нутритивен состав
Една праска со просечна големина содржи:
◦ околу 70 калории
◦ 1,6g протеини
◦ 0,5g масти
◦ 16g јаглехидрати, од кои 13g шеќери
◦ 2,6g растителни влакнаДополнително, праските содржат и сосема солидни количества од витамините Ц и А, но и од калиумот, а во помали количества пристуни се и витамините А,Е и Б1 и минералите бакар и манган.
2) Богат антиоксидативен состав
Праските имаат и богат антиоксидативен состав – флавоноидни полифенолни антиоксиданти, вклучително лутеин, зеаксантин и бета-криптоксантин. Моќен антиоксидативен ефект имаат и витамините Ц и Е.
Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак генерално зависи од внесените.
Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.
3) Погодна храна при слабеење и одлична за дигестијата
Како нутритивно сконцентрирана храна, праските содржат многу висок процент растителни влакна, но и вода. Тоа ги прави особено погодна храна при процесот на слабеење. Освен што практично не можете да претерате со јадењето праски, тие ќе ве обезбедат и со низа микронутриенти и антиоксидативни компоненти со најразлични корисни дејства врз орагнизмот.
Студиите го поврзуваат зголемениот внес на свежата храна (овошје и зеленчук) со поуспешното слабеење.
И растителните влакна студиите ги поврзуваат со побрзото и поуспешно слабеење. Праските содржат сосема солидно количество растителни влакна – 2,6g во една праска со просечна големина.
Ова е случај заради тоа што растителните влакна го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Дополнително, тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.
Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.
4) Можат да го подобрат кардиоваскуларното здравје
Редовното јадење овошје, вкучително и праски, може да промовира подобро кардиоваскуларно здравје.
Праските можат да придонесат за намалување на ризик-факторите за срцеви заболувања, како што се високиот крвен притисок и високиот вкупен холестерол.
Анималните студии покажуваат дека компонентите на праската можат да се поврзат со холестеролот во дигестијата и да придонесат за негово излачување, со што би се намалило нивото на холестерол во крвта. Дополнително, анималните истражувања покажуваат и дејство на праските врз намалувањето на триглицеридите во крвта, но и на високиот крвен притисок.
Се смета дека праските го снижуваат високиот крвнен притисок како резултат на некои нивни компоненти со намалувачко дејство на ангиотензин 2, хормон задолжен за повишување на притисокот.
Сепак, потребни се повеќе студии на оваа тематика.
Праските содржат и солидни количества калиум, минерал кој е многу значаен за кардиоваскуларното здравје. Во доволни количества, придонесува за намалување на крвниот притисок, а има и низа на други корисни дејства.
5) Поздрава кожа
Праските се многу корисни за кожата поради високата содржина на вода и антиоксидативниот состав. Антиоксидантите на праските ги намалуваат оксидативните оштетување на кожата, а антиоксидативниот витамин Ц е дополнително користен – учествува во метаболизмот на колагенот, најчестиот протеин во човековиот организам кој меѓу другото е исклучлително важен и за кожата.
Анималните студии покажуваат дека екстрактот од праски кој е директно нанесен на кожата, може да помогне во превенирањето од штетниот ефект на UV зрачењето од сонцето. Една ваква стуија покажува дека споменатиот екстракт од праска значително го успорува растот на туморите на кожата кај глувците.
6) Може да ги олесни алергиските симптоми
Одредени истражувања покажуваат дека праските можат да ги намалат алергиските симптоми, како кивање, интензивно чешање и кашлање. Овој е ефект е возможен благодарение на снижувачкиот ефект на праските во однос на хистамините – хемикалии создадени од самиот организам кои ги предизвикуваат непријатните алергиски симптоми.
Дополнителни потеницијални корисни дејства:• Праските можат да го зајакнат имунитетот – имаат богат состав на нутриенти и антиоксиданти кои во лабораториските студии покажале имуностимулирачки ефект.
• Во одредени анимални, но и кличнички студии праските покажале потенцијално антиканцерогено дејство – дејство кое се должи на каротеноидните и одредени други антиоксидативни компоненти, како полифенолните антиоксиданти.
• Може да делуваат на снижување на шеќерот во крвта – дејство утврдено кај гојазните стаорци.