Дали страдате од некоја болест или можеби некоја ваша драга личност е тешко болна? Ви предлагаме молитви за болни, кои вам можат да ви бидат на благослов.
Дали ви е тешко да се молите кога не ви е добро? Кога се чувствуваме беспомошно, нашиот Господ Исус Христос сака да се држиме за Него. Тој сака да ни биде нашата помош!
Треба да се молиме за себе и за болните, знаејќи дека Бог може да го обнови здравјето. Тој има моќ да нé излечи и има желба да нé утеши и да ни даде нова надеж. Ни дава одмор кога сме уморни и мир кога сме вознемирени.
Молитви за болни кои можете да ги молите во тешки времиња
Ако ви е тешко да се молите во тешки времиња, ви предлагаме молитви за болни кои можат да ве инспирираат своите мисли да ги изнесете пред Бог.
- Молитва за болест
Небесен Татко, Ти ги контролираш сите делови од моето тело и знаеш кога не функционираат најдобро. Болеста ми создава стрес и ме спречува да работам на нештата кои ги сакам. Искрен сум Татко, не сакам да бидам болен.
Денес доаѓам кај Тебе барајќи го Твојот допир. Помогни ми да бидам трпелив и да Ти дозволам Ти да ја работиш својата работа. Дај им на докторите мудрост и знаење кои им се потребни за пожртвувано да се грижат за сите болни, а од Тебе да бидат благословени за својот труд.
Ти си мој Исцелител и мој славен доктор. Ти се заблагодарувам на ветувањата од Твојот Збор кои ме уверуваат во Твојата присутност и Твојата помош. Научи ме за она што сакаш да го научам во овие неповолни времиња. Помогни ми да се ослободам од непријатноста околу себе и покажи ми како да бидам добар пациент додека заздравувам. Во овие денови на болест, Татко ти верувам и те молам да ме оздравиш. А кога ќе ми го обновиш здравјето дај ми мудрост како да се однесувам спрема своето тело, како спрема храм на Твојот дух. Посакувам да стојам на нозе и да Ти служам до крајот на животот.
Небесен Татко, Ти благодарам за длабоката и бесконечна љубов која ми ја даваш додека сум во болничка постела. Ти верувам дека ќе ме обновиш и подигнеш. Ти благодарам што го испрати својот Син како жртва за мојот грев и мојата болест. Бидејќи Ти си тука за мене знам дека ништо не може да ме одвои од Тебе. Мојата победа е преку Твојот Син, Исус Христос. Амин.
- Молитва за ублажување на болката
Драг Боже, фала Ти на љубовта, милоста и милосрдието. Те молам непријатноста да се претвори во утеха, моите загуби во добивка, моите солзи во смеа, а мојата тага во радост.
Твојот Збор вели дека си блиску до оние кои се со скршени срца и дека смирените по дух ќе ги спасиш. Те молам биди до мене и потпирај ме со својата моќна десница. Мојата надеж Боже е дека во оваа агонија и страдање ќе ми ја покажеш својата милост и ќе ги ублажеш сите мои болки. Толку ме исцрпува оваа болест и копнеам за денот кога ќе и дојде крајот. Боже оздрави ме во согласност со Твојата волја и план за мојот живот. Амин!
- Молитва за утеха
Небесен Татко, фала ти што никогаш не ме напушташ. Ти ми вети дека ќе ме чуваш и ќе се грижиш за мене, вети дека ќе ја вратиш утехата кај оние кои страдаат. Донеси ми мир и оздравување. Татко, фала ти што секогаш си покрај мене и што Твоето уво е подготвено да ја слушне секоја моја молитва. Ти си во состојба да направиш и повеќе од она што барам и можам да го замислам ако е во согласност со Твојата волја. Прослави се преку мојата болест. Во името на Исус. Амин!
- Молитва за сила во болеста
Господе, фала ти што ја знаеш секоја моја потреба. Ти вети дека на уморните ќе им дадеш сила и дека ќе бидеш поткрепа на оние кои доаѓаат кај Тебе. Те молам помогни ми да се потпрам на Тебе кога се чувствувам слаб-а, да ја примам Твојата помош кога чувствувам болка и да се држам за Твојата утеха среде мојата неволја. Без оглед на се помогни ми да живеам во совршена рамнотежа со Тебе и те прославувам со сите мои мисли, зборови и дела. Амин.
- Молитва за болен пријател
Боже, биди денес со мојот пријател. Неговата/нејзината болест го/ја ограничува и се чувствува немоќно. Но, Ти Господе си секогаш моќен. Те молам да му/и дадеш утеха и сила. Не постои ништо преголемо со кое Ти не можеш да се справиш. Те молам, Твојата рака да делува во животот на мојот/a пријател/ка и да го/ја исцелиш. Ти благодарам за Твојата силна заштита. Ти благодарам што си милостив и секогаш присутен. Амин.