Ljubov i brak

Убав и среќен брак

Бракот е прекрасна институција благословена од Бог. Убав и среќен брак е темел на убаво и среќно семејство. Вашиот брак е првиот на кој вашите деца ќе се угледат и ќе биде за нивна инспирација. Но, бракот е и тешка и деликатна работа. Тој е како нежно цвеќе на кое мора да му се посветува секојдневно внимание и многу љубов. Следуваат неколку совети на што да внимавате пред да влезете во брак. Веруваме дека овие совети ќе послужат и во одредена мера на оние кои веќе се во брак и сакаат да работат на својот брак.

Запознајте го добро партнерот пред да побрзате да влезете во брак.

Поминувајте време заедно опркужени со вашите пријатели и вашите семејства. За карактерот на личноста многу кажува нејзиното/неговото однесување кон останатите луѓе. Ако ги почитува своите пријатели и членовите од семејствата, тогаш ќе знае да ве почитува и вас, ако не ги почитува, не очекувајте и вие да бидете вистински почитувани.

Ако зборува лошо за своите пријатели, во иднина ќе зборува лошо и за вас.

Забележете како се однесува кон вас во друштво со другите, ако ве омаловажува и не ви искажува почит и љубов пред другите, тоа значи дека никогаш нема да ја добиете посакуваната и потребната почит и љубов од таа личност.
Забележете кои се амбициите на вашиот партнер, дали тоа е копнеж за здрав брак и среќно семејство. Дали оваа личност е подготвена да вложува напори, да вложува личен труд и внимание во процесот на изградбата на домот и семејството.

Стапете во брак со личноста која ја сакате и ве сака вам.

Љубовта во бракот расте и созрева, но за да стапете во брак со одредена личност морате да бидете сигурни дека ја сакате таа личност и љубовта ви е возвратена со искреност. За во ова да бидете сигурни мора да ја познавате личноста подолго време и да видите како заедно може да се справувате во одредени ситуации и предизвици.

Мора да најдете партнер кој ќе биде тука за вас во секое време.

Со текот на времето можете да забележете дали вашиот партнер ве става вам за приоритет или ги става своите пријатели, својата работа или своето хоби пред вас. Дали вашиот партнер е секогаш покрај вас кога ви е потребно да ви помогне, да ве сослуша или да се радува заедно со вас.

Мора да најдете партнер кој ве разбира и ве поддржува.

Дали вашиот партнер ве подржува во она што го работите или во она што сакате да го работите? Дали ви ја дава подршката пред другите луѓе, пред пријателите и семејството? Дали одвојува време да ве сослуша кои се вашите желби и соништа? Дали се чувствувате дека сте добро и правилно разбрани од страна на вашиот партнер или често се наоѓате во состојба во која едноставно не сте разбрани добро и сте оставени сами на себе?

Разбирањето и подршката се два големи темели за убав и среќен брак. Сопружниците кои знаат вистински да се разбираат и подржуваат еден со друг можат да ги пребродат заедно и најголемите предизвици кои ќе се испречат пред нив во текот на животот.  

Нека Бог биде основата на вашата врска.

Вербата во Бог, потпирањето на Бог од страна на сопружниците во бракот е премногу важна и воедно основен темел за убав брак и среќен дом. Домот во кој сопружниците се обидуваат да Го запознаат подобро Бог и да се надеваат во Неговата добрина, љубов и грижа е дом во кој царува љубовта. Бог испраќа и населува ангели во домот во кој сопружниците се молат заедно за духовен раст, за водство за изградба на здрав брак и добро воспитани деца. Бог е секогаш подготвен да ја слушне и најмалата молитва од домот кој се надева во Него и бара помош и водство во секој нов ден. Бог е прекрасен, Тој со нетрпение очекува од нас да ги предадеме нашите проблеми и грижи Нему, со цврста увереност дека Тој ќе се погрижи и за најмалиот и најситниот проблем.

Кој не би посакал да има ваков партнер за сиот свој живот и прекрасен и благословен дом? Тоа може да го имате и вие!

________________________________________________________________

Не е дозволено копирање, преземање, менување, адаптација или било какво друго користење на содржината без претходно писмено одобрување од сопственикот на авторските права! semesinapovo.mk 

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *